Пневматици

Контактот на возилото со патот се случува преку пневматиците и затоа од особена важност е истите секогаш да бидат во одлична состојба. Со оглед на тоа што климатските услови и надворешните влијанија се најважен фактор кој одредува каков пневматик ќе се користи, се разликуваат генерално две компоненти на пневматици, мека и тврда. Меката компонента се користи за изработка на зимски пневматици, а тврдата за летни. Зошто е тоа така? Во зимскиот период заради пониските надворешни температури, материјалите имаат особина да се собираат и да се стврднуваат. Во случај кога се работи за пневматик, ова својство на материјалите би допринело за лоши возни карактеристики. Затоа, меката компонента на пневматикот во врска со пониската надворешна температура е оптимална комбинација за возилото и обратно, тврдата компонента на летниот пневматик има одлични возни карактеристики на повисоки температури. Во авто индустријата генерално се препорачува кога надворешната температура е падната во интервал од 7-12 степени целзиусови да се направи промена на летните со зимски пневматици и обратно.

 

Сервисни совети:

  1. Пожелно е зимскиот пневматик да има помала нагазна површина од летниот, бидејќи во случај на врнежи од снег полесно се пробива низ снежните наноси. Големите димензии имаат интенција да се “качуваат” на наносите од снег и да го губат контактот со подлогата.
  2. Не е пожелно да се возат зимски пневматици во лето и летни пневматици во зима. Од една страна се намалуваат возните карактеристики на возилото (зголемен пат на сопирање, послаб контакт со подлогата), а од друга страна има и допонителен финансиски ефект заради пребрзото абење на пневматиците. Летни пневматици во зима стануваат крти и пукаат (затоа што во себе содржат тврда компонента која станува уште потврда на ниски температури), а зимските пневматици во лето омекнуваат до таа мера што при поголеми брзини на возење или силно кочење доаѓа до трајно оштетување на пневматикот.
Bookmark & Share