КОМПЛЕТНО ЕЛЕКТРИЧЕН FORD MUSTANG – MACH-E

FORD со задоволство на светот му го претставува првиот комплетно електричен MUSTANG.

Електричниот SUV Mach-E е инспириран од мускулестиот легендарен V8 модел на Mustang.

На предниот ги истакнуваме острите светла и симулираната маска на ладилникот, како и Mustang логото кое гордо стои на средина. Страничната силуета е мускулеста и динамична, додека на задниот дел приматот го земаат големите задни светла кои – повторно – очигледно влечат потекло од Mustang. Заострената кровна линија и спојлерот му даваат на кросоверот привлечна, купеовска форма. 

Кабината е супер-модерна. Пред возачот се поставени дигитални инструменти на 10.2-инчен дисплеј, додека централната конзола е всушност голем, вертикално-поставен 15-инчен дисплеј. На овој голем дисплеј се контролираат сите функционалности на автомобилот. Купувачите можат да нарачаат и Bang & Olufsen премиум аудио уред со 10 звучници, панорамски кров, и мноогу, многу други ситници. Практичноста е обезбедена преку мал милион места за одлагање ситници, како и два багажници – преден со капацитет од 136 литри, како и заден – со капацитет од 420 литри.

Достапен е во неколку различни верзии како основната  со погон на задните тркала, батерија со капацитет од 75.7 kWh и електромотор со моќност од 260 коњски сили и 414 Nm вртежен момент. Оваа варијанта ќе забрзува до 100 километри на час за околу 6 секунди и ќе има автономија од 370 километри.

Скалило погоре е верзијата со погон на сите четири тркала, батерија со капацитет од 98.8 kWh и електромотор со моќност од 285 или 340 коњски сили. Послабата верзија ќе може да помине до 480 километри со едно полнење, додека помоќната до 435 километри со едно полнење.

На самиот врв е Mustang Mach-E GT, кој ја добива големата батерија, како и електромотор со моќност од околу 460 коњски сили и 830 Nm вртежен момент. Врвната верзија ќе може да забрза до 100 километри на час за нешто над 3 секунди и ќе има автономија од околу 370 километри.

Се очекува овој модел наскоро да биде достапен и за поширокиот Европски пазар.